Првиот Регионален младински саем за вработување ќе се одржи денеска во Скопје, во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите” кој го спроведува Националниот младински совет на Македонија со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.

На саемот, како што соопшти Национален младински совет на Македонија, ќе се претстават повеќе од 30 компании кои делуваат во Скопскиот регион и се предвидува посетеност од повеќе од 150 млади лица коишто бараат работа.

Саемот е замислен како отворена платформа за градење вештини и компетенции за вработување на младите, како и креирање на можности за нивно поврзување со работодавачите.

Во таа насока во рамките на саемот се предвидени три активности: Саем на компании, односно секоја компанија ќе има посебен штанд каде ќе ја претстави својата работа; Speed date, односно фокусирано запознавање помеѓу младите и компаниите во краток временски интервал; Youth booth, односно простор во рамки на саемот каде ќе може да се спроведуваат интервјуа за работа.

На отворањето на настанот ќе се обратат претставници од Националниот младински совет на Македонија и Британската амбасада во Скопје.