Народната банка на Србија денеска објави дека Сбербанк Србија е високоликвидна и добро капитализирана и дека не е засегната од проценката на Европската централна банка (ЕЦБ) за можен банкрот поради големиот одлив на депозити, регистрирани во филијалите во Австрија, Словенија и Хрватска,јави дописникот на МИА од Белград.
-Во однос на мерките на ЕЦБ и Единствениот одбор за реструктуирање на банките кон Sberbank Europe AG Vienna, која е сопственик на „Сбербанк Србија“, ја информираме јавноста дека оваа банка, која работи како независно правно лице со седиште во Србија, е високоликвидна и добро капитализирана, а изворите на нејзиното финансирање се обезбедени на домашниот пазар, и споменатите решенија во никој случај не се однесуваат на „Сбербанк Србија„, се наведува во соопштението на НБС.
Европската централна банка доцна синоќа објави дека европските филијали на руската Сбербанк најверојатно ќе пропаднат поради големиот одлив на депозити, по воведувањето санкции кои имаат за цел да ја казнат Москва за нападот врз Украина.
Затоа, Европскиот единствен одбор за санација воведе мораториум на плаќањата на Сбербанк во Австрија, Словенија и Хрватска и сега ќе оценува дали спасувањето на доверителот е од јавен интерес.
Централната банка, исто така, оценува дека на работата на „Сбербанк Србија“ дополнително позитивно ќе влијае фактот што таа дала претходна согласност, на барање на АИК банка, да стекне сопственост во „Сбербанк Србија“ и дека процесот на промена на сопственоста се финализира.
ЕЦБ синоќа објави дека Sberbank Europe AG, со седиште во Австрија и со филијали во Хрватска и Словенија, „доживеа значителен одлив на депозити како резултат на влијанието на геополитичките тензии врз угледот“, оценувајќи дека овие три филијали на рускиот кредитор „пропаѓаат или најверојатно ќе пропаднат поради влошување на нивната ликвидност“.
Според ЕЦБ, споменатите три филијали на Сбербанк во Европа веројатно нема да можат да ги платат своите долгови или други обврски кои доспеват.