Во четвртиот квартал на 2021 година, вкупните средства на останатите финансиски институции, достигнаа ниво од 165.579 милиони денари и се зголемија за 7.762 милиони денари на квартално ниво. Структурата на средствата, укажува дека најголемо учество од 65,6 проценти имаат пензиските фондови, а по нив следуваат осигурителните друштва, со учество од 17,7 проценти, објави денеска Народната банка.
Вкупните средства на останатите финансиски институции (ОФИ), овој квартал, бележат квартално и годишно зголемување од 4,9 проценти и 19,5 проценти, соодветно, во најголем дел заради повисоките средства на пензиските фондови, при позитивни движења забележани и кај средствата на останатите потсектори на ОФИ.
Најголемиот дел од средствата на ОФИ се вложувања во должнички хартии од вредност (учество од 49,1 процент, сопственички хартии од вредност (учество од 26,1 процент) и валути и депозити (учество од 11,3 проценти). Обврските на ОФИ пред сѐ се однесуваат на техничките резерви на осигурување, како и на капиталните сметки со учество од 55,1 процент, одмосно 36,7 проценти.
Анализирано по инструменти, на страна на средствата, кварталниот раст во поголем дел произлегува од повисоките сопственички хартии од вредност (на нерезиденти), при дополнителен придонес и на државните должнички хартии од вредност. Годишниот раст е одраз на истите инструменти, но со поголем придонес на државните должнички хартии од вредност, во однос на сопственичките хартии од вредност. На страна на обврските, кварталната и годишната промена е резултат на повисоките капитални сметки и техничките резерви на осигурување, со поизразен придонес на капиталните сметки.
-Вкупните средства на пензиските фондови (задолжителни и доброволни), на крајот на 2021 година, забележаа раст на квартална и годишна основа од 5,7 проценти и 21,3 проценти, соодветно, којшто во најголем дел се објаснува со зголемените вложувања во сопственички и во државни должнички хартии од вредност. Сопственичките хартии од вредност имаат поизразен придонес кон кварталната промена, а годишната промена во поголем дел се должи на државните должнички хартии од вредност. Валутите и депозитите се единствениот инструмент кај кој е остварен пад на годишна основа. На страната на обврските, кварталниот и годишниот раст главно произлегува од зголемените капитални сметки и техничките резерви, информира НБ.
Нивните анализи покажуваат дека во четвртиот квартал, средствата на осигурителните друштва, бележат мал раст од 0,9 проценти во споредба со претходниот квартал. Анализирано по инструменти, кварталната промена произлегува од зголемените вложувања во сопственички и државни должнички хартии од вредност, како и од валутите и депозитите, а во услови на пад кај останатите побарувања. Анализирано на годишна основа, растот од 11,1 процент пред сѐ, се должи на вложувањата во државни должнички хартии од вредност, при позитивен придонес и на вложувањата во сопственички хартии од вредност, техничките резерви на осигурување и останатите побарувања, а во услови на умерено намалување кај валутите и депозитите. На страната на обврските, кварталниот и годишниот раст во поголем дел се должи на повисоките технички резерви на осигурување, како и капиталните сметки.
Вкупните средства на инвестициските фондови, пак, во четвртиот квартал, остварија раст од 9,2 процњенти на квартална основа. Главен двигател на растот се инвестирањата во сопственички хартии од вредност, при помал позитивен придонес и на валутите и депозитите. На годишна основа, средствата на инвестициските фондови остварија стапка на раст од 27,1 процент, пред сѐ поради зголемените вложувања во сопственички хартии од вредност (на нерезиденти), при дополнителен позитивен придонес и на вложувањата во државни должнички хартии од вредност. На страната на обврските, растот на квартална и годишна основа целосно е резултат на повисоките капитални сметки (пред сѐ поради сопственичките вложувања и остварената добивка од тековната година).
Кварталната и годишната стапка на раст на вкупните средства на другите ОФИ овој квартал, изнесува 4,0 проценти, односно 19,1 процернт.
Заклучно со 31.12.2021 година, вкупната кредитна активност на финансиските и лизинг друштвата, изнесува 11.404 милиони денари (6.351 милиони денари се однесуваат на финансиските друштва, а 5.054 милиони денари на лизинг друштвата). Кварталниот и годишниот раст од 4,2 проценти односно 23,4 проценти, во поголем дел се објаснува со зголеменото кредитирање на финансиските друштва, главно на домаќинствата. На страната на обврските, обврските врз основа на кредити имаат најголемо влијание кон растот по двете основи, во услови на дополнителен позитивен придонес и на капиталните сметки, пред сѐ поради добивката од тековната година.
Во останатите финансиски институции се вклучени: инвестициските фондови, пензиските фондови, осигурителните друштва, друштвата за управување со инвестициските фондови и друштвата за управување со пензиските фондови, финансиските друштва и друштвата даватели на финансиски лизинг.