Зголемување на цените по класи според трошоците, линеарно покаќување на субвенциите на 90 денари и вклучување на тутунарите во мерката „зелена нафта“, бараат новоформираните тутунски здруженија кои деновиве преку трибини во земјава ги оформиле заклучоците и ги испратиле до премиерот и министерот за земјоделство, но и до Сојузот на земјоделските здруженија како овластен претставник на тутунарите во земјава.

Доколку не им се излезе во пресрет, тутунарите не исклучуваат протести.

Според Игор Мирчески, нема да се склучуваат договори без да има нови цени во договорите за новата реколта.

– Ова е неиздржливо, неисплатливо и со вакви зени се доведува во прашање производството на оваа индустриска култура. Деновиве Сојузот на земјоделските здруженија спомена само едно барање, за цените, но неопходно е и линеарното зголемување на субвенциите на 90 денари и вклучувањето на тутунарите во зелената нафта од што неоправдано се исклучени. Ова се заклучоците по трибините што ги одржавме во повеќе градови. Откупувачите не може да нудат договори со некое мало покачување на цените. Тоа мора да биде согласно трошоците за производство и на трошоците за живот, изјави Мирчески.

Претседателот на „Тутунски земјоделци“ од Могила, Флоре Груевски, истакнува дека му е оневозможено да склучува договор за новото производство.

-Притисок се врши не само спрема мене, туку и спрема другите новоформирани здруженија. Лани „Сокотаб“ не ми склучи договор поради тоа што побарав второстепена комисија. денеска ме информираа дека еден од комбинатите ме исклучил и во системот ќе бидам внесен со еден декар производство на тутун. Тоа се околу 200 килограми, истокако да не може да произведувам тутун а имав повеќе од два тона, реагира Груевски.

Сојузот на земјоделските здруженија најави за неделава разговор меѓу тутунарите и откупувачите со посредство на Министерството за земјоделство.

Од Државниот земјоделски инспекторат информираат дека, главно, откупот на тутунот заврши од ланската реколта. Откупени се 18 567 тони по просечна цена од 200,45 денари. Родот е помал за 15-тина насто од планираните количества. Иако родот е откупен, ќе има отворени пунктови, зашто по ланското продолжување за откуп на вишокот, родот е до 31 март.

Прилепскиот тутунски комбинат најави дека има отворен пункт.