Додека Босна и Херцеговина одбележува годишнина од независноста, една друга држава се бори за да ја зачува својата, изјави шефот на Делегацијата на Европската унија во БиХ, Јохан Сатлер. Тој го кажа ова во обраќањето на јавноста, по повод 30 години независност на БиХ.
– Босна и Херцеговина денеска слави 30 години од својата независност. Годишнините не се само повод за одбележување, туку и можност за размислување. БиХ е сè уште млада држава, но гледајќи наназад, помина долг пат и сакаме да ја видиме како и понатаму напредува кон Европската унија, истакна Сатлер.
Тој додаде дека оваа година, БиХ го одбележува Денот на независноста среде нова геополитичка реалност.
– Додека БиХ одбележува годишнина од независноста, една друга држава се бори за да ја зачува својата. Европската унија стои цврсто покрај Украина и нејзиниот народ. Длабоко жалиме за трагичните загуби на човечки животи, но и инспирирани сме од издржливоста и храброста на Украина. ЕУ усвои широк опсег на мерки како одговор на инвазијата. Ваквите мерки гарантираат дека претседателот Путин ќе плати висока цена за своите постапки, а целта е да се ослабат можностите Русија да војува, појасни Сатлер.
Тој истакна дека оние кои тежнеат кон членство во ЕУ, се очекува да бидат обединети со Унијата, кога станува збор за ова прашање.
– Да го увидат кршењето на меѓународното право, да препознаат лаги и дезинформации, како и да знаат дека ваквите постапки се нечуени. Соочени со оваа агресија и очигледното поткопување на европските мир и стабилност, едноставно нема време за неутралност или за балансирање на интересите, додаде Сатлер.
Според него, ЕУ е одлучна во зачувувањето на мирот и на стабилноста на европскиот континент.
– Во Украина, исто како и во БиХ. Баш поради оваа причина, ЕУФОР презеди мерки на претпазливост и ангажираше дополнителни 500 војници. Демократија, мир, различности, еднаквост, како и почитување на човечките права, се самата суштина на тоа, за што ЕУ се залага. Силно ќе ги браниме овие вредности, соочени со злото. Ова е болна, но, секогаш важна лекција, што ја научивме во 1990-те. Со тага гледаме наназад, но и одлучни сме, да не ги повториме нашите грешки, нагласи Сатлер.