Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, апелираше за европско единство во однос на руската инвазија врз Украина пред денешниот состанок со нејзините колеги од Полска и Франција, јави ДПА.
-Во најтешките часови, Европа застана поблиску меѓусебе, поблиску отколку што многумина би сакале да веруваме, рече Бербок пред да замине на консултации со полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан во Лоѓ, Полска.
„Затоа нашето единство денеска е прашање на опстанокот на Европа“, додаде таа.
-Со својата воена агресија врз Украина рускиот претседател Владимир Путин покажува дека повеќе не почитува никакво правило или норма, рече Баербок.
Според полски извори, во денешните разговори онлајн требаше да учествува и шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба.
Трипартитните средби на Германија, Франција и Полска во таканаречениот „Вајмарски“ формат се одржуваат веќе 30 години.
-Токму затоа што гледаме на многу прашања од различни перспективи, можеме да ја држиме Европа заедно и да ја придвижиме напред, рече Бербок, пренесе ДПА.
По состанокот во Полска, таа треба да отпатува за Њујорк на итниот состанок на Генералното собрание на ОН, 11-ти од ваков вид во повеќе од 70 години.