Вработените во пиварницата Правда во најголемиот град во западна Украина, Лавов, поради руската инвазија наместо пиво почнаа да произведуваат молотови коктели. Градот Лавов, кој се наоѓа во близина на границата со Полска, е бастион на украинскиот идентитет, а во моментов неговите жители стравуваат од доаѓањето на руските тенкови.
„Молотовиот коктел е готов кога крпата добро ќе се натопи“, рече еден од вработените во пиварницата, насмевнувајќи се. Тој турнал парче платно во пивско шише исполнето со мешавина од бензин и моторно масло.
Иако овие коктели може да изгледаат залудни во борбата против тенковите и проектилите, сопственикот на пиварницата, Јуриј Заставниј, ја сфатил задачата доста сериозно.
„Го правиме ова затоа што некој мора. Имаме искуство затоа што веќе ја доживеавме уличната револуција од 2014 година“, рече Заставниј, мислејќи на бунтот во Киев со кој беше соборен режимот поддржан од Кремљ.
„И тогаш моравме да произведуваме и користиме молотови коктели“, рече Заставниј. Тој рече дека идејата дошла од неговите вработени кои учествувале во револуцијата во 2014 година.
Пиварницата започна со производство на коктели за Територијалните одбранбени сили на Украина во саботата, организација на резервисти кои ја прифатија поканата за борба на претседателот Володимир Зеленски.
На контролните пунктови околу градот со 720.000 жители, полицијата и армиите, кои го контролираат секое возило, веќе се опремени со коктели. Сопственикот на пиврницата се заколна дека ќе направи „се што може за да и помогне на Украина да победи во војната“.