Украинските власти денеска соопштија дека осум лица биле убиени во руски воздушен напад врз станбена зграда во источниот град Харков, каде претходно од руски проектили беше уништена административна зграда.

– Како резултат на воздушен напад… осум лица загинаа, а шест се повредени во Харков, соопшти украинската служба за вонредни состојби.

Во соопштението се наведува дека две лица биле извлечени живи од под урнатините.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави денеска дека руското бомбардирање на вториот по големина украински град Харков е „одвратно“ и потсетува на масакрите врз цивили во Сараево во 90-те години од минатиот век.

– Она што се случува во Харков е одвратно и ме потсетува на гранатирањето на пазарот во Сараево, гранатирањето невини луѓе во Босна, истакна Џонсон за време на посетата на базата на НАТО во Талин.