Косовскиот премиер Албин Курти објави синоќа дека неговата влада донела одлука за отворање на „Фонд за безбедноста на Косово“, со кој ќе се поддржат Безбедносните сили на Косово (ФСК), јави дописникот на МИА од Приштина.

Информирајќи дека го овластил Министерството за финансии да го основа Фондот, Курти преку неговата страница на Фејсбук, ги повика „косовските граѓани и сонародниците од дијаспората, како и другите донатори, да придонесат за безбедноста на државата“.

– Согласно потребите на Безбедносните сили на Косово, актуелната ситуација и по консултациите со меѓународните партнери, го овластив Министерството за финансии да го основа „Фондот за безбедност“. Намерата е собраните финансиски средства да се искористат во согласност со стратегијата за безбедност на Република Косово, која се очекува да се усвои од Владата на Република Косово. Функционирањето на овој фонд ќе се регулира со соодветни процедурални акти и истиот ќе се користи исклучиво за цели определени од владата, напиша Курти.