Судот во Токио, Јапонија, денеска го прогласи за виновен поранешниот извршен директор на „Нисан“ – Грег Кели, бидејќи му помогнал на Карлос Госн – поранешен генерален директор на „Нисан“, да го прикрие својот приход од финансиските регулатори.

Судот го прогласи Кели за виновен за неговата улога во неоткривањето на 80 милиони незаконски земени долари на Госн, остварени во тек на осум години. Кели е осуден на шест месеци затвор, а условно на три години, пишува „Волстрит журнал“. Според наводите, ваквата казна значи дека нема да одлежи затворска казна сѐ додека се однесува примерно, односно не стори криминално дело наредните три години.

Госн е во бегство, а по него има и потерница од Интерпол.

Самиот „Нисан“ е казнет со 200 милиони јени (околу 1,56 милиони евра) поради необјавување на приходот на Госн. Компанијата, трет по големина јапонски производител на автомобили, се изјасни за виновна на почетокот на судењето пред година и пол.

Пресудата за Кели доаѓа повеќе од три години по неговото апсење. Кели, инаку, тврдеше дека не го прекршил законот.