Русија денеска го предупреди Западот дека го подготвува својот одговор на санкциите, кој ќе биде брз и фокусиран на најранливите аспекти.

Русија ќе реагира брзо и промислено, фокусирајќи се на најчувствителните аспекти на оние на кои ќе дејствува, изјави шефот на одделот за економска соработка во Министерството за надворешни работи, Дмитриј Биричевски.

По санкциите на Западот поради инвазијата врз Украина, кои го погодија најголемиот дел од рускиот финансиски и корпоративен сектор, руската економија се соочува со најголемата криза од падот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера воведе забрана за увоз на руска нафта и други извори на енергија поради руската инвазија врз Украина.

Русија претходно оваа недела предупреди дека ако САД и ЕУ забранат увоз на сурова нафта од Русија, цената на „црното злато“ може да се искачи на повеќе од 300 долари за барел.

Русија ја снабдува Европа со 150 милиони тони нафта годишно, што е 30 отсто од вкупната годишна потрошувачка на Европа од 500 милиони тони. Русија испорачува и 80 милиони тони петрохемиски производи во Европа.