Украина направи се што е возможно и невозможно за што поскоро да влезе во ЕУ. Сега топката е кај вас, почитувани европски колеги, изјави првиот заменик-претседател на Врховната Рада на Украина Олександр Корниенко во обраќањето до европските парламентарци.
„Прифаќањето по скратена постапка е храбра одлука, но не и без преседан“, порача Корниенко, додавајќи дека „во историјата на ЕУ, имаше случај со Источна Германија, над која не летаа со бомбардери и во која луѓе не гинеа. Но, ова прифаќање по скратена постапка се случи“.
На 28 февруари, четвртиот ден од руската инвазија, украинскиот претседател Володимир Зеленски го потпиша барањето за членство на Украина во Европската унија и се обрати до ЕУ со молба да се започне скратена процедура за пристапување.
– Украинците постојано докажуваа дека ние сме вистински, составен дел од европскиот дом. Плативме превисока цена за тоа. И ние продолжуваме да ја плаќаме секој ден. Милиони бегалци. Стотици илјади граѓани без живеалиште. Илјадници починати. Милијарди долари загуби во цивилната инфраструктура, изјави Корниенко, се вели во соопштението од украинската амбасада во Скопје.
„Сè што и треба на Европа денес е да направи храбар чекор отворајќи ни ги вратите за кои отсекогаш сме слушале дека се отворени“, порача Корниенко, нагласувајќи дека „Украина е Европа“.