На францускиот остров Корзика денеска дојде до мало смирување на тензиите, откако вчера и синоќа во градот Бастија имаше насилен протест за поддршка на Иван Колона, единаесет дена откако овој корзикански борец за независност, осуден за убиство на префектот Клод Ерињак беше нападнат во затворот.
„Либерта, либерта!“ извикуваа учесниците, меѓу кои беа сите возрасни групи главно облечени во црно, со бројни корзикански знамиња.
Според полицијата на собирот имало 7.000, а според организаторите повеќе од 10.000.
Гневот излезе од контрола со пристигнувањето на поворката пред зградата на полицијата, каде полициските сили се судрија со двесте до триста маскирани демонстранти, од кои некои беа опремени со гас-маски. Полицијата употреби солзавец и водени топови, а демонстрантите врз неа фрлаа молотови коктели и камења.
Според последниот полициски извештај, повредени се 67 лица, меѓу кои 44 полицајци. Откако во доцните попладневни часови ја растера поворката, полицијата се судри со особено насилни групи млади луѓе, што со доаѓањето на ноќта прерасна во урбана герилска војна.
Судирите траеја до 22.30 часот, се наведува во последното соопштение на полицијата, која ги повика „жителите во центарот на Бастија да не излегуваат од куќата“.
Иван Колона, осуден на доживотен затвор за атентатот врз корзиканскиот префект Клод Ерињак во 1998 година, е во кома откако на 2 март беше нападнат од затвореник осуден за „тероризам“.
Оттогаш на протести на овој медитерански остров повикаа студентите, средношколците, националистичките организации и синдикати.
Во повикот за вчерашниот митинг се бараше „вистина и правда за Иван, слобода за патриотите и признавање на корзиканскиот народ“.
Иван Колона, кој се наоѓа во затвор во Арл, на југот на Франција, долго време бараше казната да ја отслужи на Корзика, што никогаш не му беше одобрено.
-Ако има насилство, државата ќе одговара. За седум години ништо не се сменило, а за седум дена насилство работите се менуваат. Насилството е неопходно, рече демонстрантот Антоан Негрети (29).