Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ќе се обрати на конференцијата „Вештини за идни работни места – Skills For Future Jobs“, организирана од страна на Министерството за образование и наука и Стопанска комора на Македонија, со поддршка на проектот „Образование за вработување во Македонија – Е4Е@мк“ и Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).
Покрај министерот Шакири, на конференцијата ќе се обрати и Вероник Улман, амбасадорка на Швајцарија во земјава и извршниот директор на Стопанска комора на Македонија, Антони Пешев.
– Идните стручни вештини, вработувањето на младите и можностите за претприемништво се темите на кои бројни локални и меѓународни експерти ќе дадат придонес и ќе ги покажат идните трендови, сето тоа засновано на потребите и очекувањата на пазарот на трудот. Говорници од владини институции, приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество од Македонија и регионот на Западен Балкан, како и од Швајцарија и ЕУ, ќе ги презентираат најновите наоди од истражувања и ќе споделат практични искуства за тоа како да се поврзат вештините со идните работни места, соопштија од Министерството за образование и наука.