Најмалку шест лица загинаа денеска во инцидент кога бегалци Рохинџи сместени во прифатен центар во Малезија успеале да ја пробијат оградата и масовно почнале да бегаат од кампот.

Најголем дел од нив настрадале додека се обидувале трчајќи да преминат преку коловозот на автопатот во близина на кампот во Сунгај Бакап во провинцијата Пенанг.

Според шефот на локалната полиција, Мохамед Шухејли Заин, меѓу настраданите има и две деца.

Во кампот во Сунгај Бакап биле сместени 528 муслимани Рохинџи од Мјанмар.

Полицијата интервенирала успевајќи да приведе 360 од бегалците и да ги врати во кампот.

Муслиманите Рохинџи се мета на насилни прогони во нивната матична земја, така што многу од нив бегаат барајќи засолниште во претежно муслиманската Малезија, која пак одбива да им даде статус на бегалци.

Се проценува дека сто илјади Рохинџи се во Малезија без какви било документи, без пристап до образование, а немаат ниту можност да добијат работа или здравствена заштита.

Повеќето од нив сè уште не се заведени кај локалните власти и живеат практично нелегално, претежно по имигрантски кампови.