Премиерот на Шри Ланка, Махинда Раџапакса изјави дека очекува полициска истрага за судирите меѓу полицијата и антивладините демонстранти, при што загина едно лице.
Полицијата вчера во градот Рамбукани употреби боева муниција за да ги растера демонстрантите, при што загина еден човек, а десетина се повредени.
– Длабоко сум вознемирен по трагедијата во Рамбукани. Убеден сум дека ќе се спроведе непристрасна истрага, напиша Раџапаска на Твитер.
Ситуацијата во Рамбукани денеска е мирна, но на улиците сè уште има камења, фишеци од боева муниција и патрони од солзавец.
Протестите на Шри Ланка траат повеќе недели поради лошата економска политика што предизвика недостиг на основните прехранбени артикли и прекини во снабдувањето со електрична енергија.