Десетици маскирани палестински демонстранти рано изутринава влегле во џамијата Ал Акса во Ерусалим, ги затвориле портите и почнале да фрлаат камења и петарди, соопшти израелската полиција.
Полицајците се обиделе да ги растераат користејќи средства за разбивање нереди, но не влегле во џамијата.
Палестински функционер од муслиманската верска администрација „Вакф“ рече дека полициските сили употребиле шок-бомби за да ги растераат собраните околу џамијата и испукале гумени куршуми кон Палестинците забарикадирани во храмот.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека 20 лица се повредени, од кои едно во критична состојба.
Слични судири имаше во текот на целата измината седмица, со ескалација на насилствата минатиот петок кога беа повредени повеќе од 150 Палестинци и тројца израелски полицајци.
Палестинците ја обвинуваат израелската полиција за употреба на прекумерна сила на нивното свето место, додека палестинските социјални мрежи се преплавени со видео-снимки на кои се гледа како израелските сили тепаат навидум невооружени Палестинци, вклучително и жени.
Полицијата пак тврди дека Палестинците поттикнуваат насилство, објавувајќи свои видеа на кои се гледаат палестински млади лица како фрлаат камења и петарди кон безбедносните сили, посочувајќи дека го сквернават сопственото светилиште и ги доведуваат другите во опасност.
Денешните судири се случуваат во мигови кога израелската авијација врши ракетирање врз Појасот Газа, како одговор на палестинските провокации и нападите на екстремистите што гаѓаат израелски цели преку линијата на раздвојување.
Според медиумите, сегашните насилства се најинтензивни по 11-дневната војна меѓу изралеските сили и Хамас од мај минатата година.