Независниот лидер и добитник на Нобеловата награда за мир Хозе Рамос-Хорта прогласи победа на претседателските избори во Источен Тимор, велејќи дека обезбедил силна поддршка од народот и најавувајќи дека ќе работи на поттикнување дијалог и единство кај населението.

Податоците на државното изборно тело по сите преброени гласови покажуваат дека Рамос-Хорта обезбедил победа со 62 отсто од гласовите, пред неговиот противкандидат, актуелниот претседател Франциско Гутереш, кој ја добил поддршката на 37 отсто од гласачите.

„Го добив овој мандат од нашиот народ, од нацијата која покажа посветеност на демократијата“, изјави Рамос-Хорта пред медиумите во Дили.

Рамос-Хорта (72) е една од најпознатите политички фигури во Источен Тимор, беше претседател од 2007 до 2012 година, а претходно и премиер и министер за надворешни работи.

Осврнувајќи се на загриженоста заради политичката нестабилност во земјата, Рамос-Хорта рече дека ќе работи на решавање на поделбите во Источен Тимор.

„Ќе го правам она што отсекогаш сум го правел во мојот живот. Секогаш ќе водам дијалог, трпеливо, немилосрдно, за да најдам заеднички јазик за да изнајдам решенија за предизвиците со кои се соочува оваа земја“, рече тој.

Рамос-Хорта посочи дека не разговарал со својот ривал, но добил покана од Кабинетот на претседателот да разговара за примопредавање на власта.

Источен Тимор е држава со 1,3 милиони жители, земја што со години се соочува со бранови политичка нестабилност и со предизвик за диверзификација на националната економија во голема мера зависна од нафтата и гасот.