Седумнаесет лица загинаа во пожарот во руски воен истражувачки институт минатата недела во западниот град Твер, соопштија денеска локалните власти.
„За жал, официјално потврдениот број на загинати сега се искачи на 17“, се вели во соопштението на регионалните власти на Твер. Во моментов се расчистува шут.
Пожар избувна минатиот четврток во Централниот истражувачки институт на руските воздушно-космички сили во Твер. Истиот ден, локалните власти соопштија дека во пожарот загинале шест лица. Првичните информации укажуваат дека пожарот настанал поради оштетување на електричната инсталација.
Нема официјални информации за причините за пожарот. Според Министерството за одбрана, институтот работи на истражувања поврзани со воздушната и вселенската одбрана на Русија, како и развој на нови противвоздушни системи.