Европската Комисија бара целосно укинување на царините за увоз за производите од Украина во текот на една цела година за да и се помогне на земјата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова би било првпат да се воведе ваква мерка со земја која се наоѓа во војна, доколку мерката биде усвоена.

Украина, како трета земја, е предмет на низа царини и рестрикции во рамките на увозниот режим на ЕУ, посебно во делот на челик, рестрикции воведени од времето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, како одговор на американските царини. Северна Македонија е исто така меѓу земјите кои се соочија со рестриктивни мерки за челикот.

Со денешниот предлог Украина би била целосно изземена и од овие рестрикции во текот на една година.

-Оваа амбициозна мерка треба да служи да се стимулира извозот од Украина кон ЕУ. Ќе придонесе да се ублажи тешката ситуација на производителите и извезувачите од Украина соочени со воената инвазија на нивната земја од страна на Русија, образложува Европската Комисија во предлогот.

Исклучоците би се однесувале и на сите други производи, главно индустриските и земјоделските, како што рече претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

-Разговарав со претседателот Зеленски за начините да се поддржи економијата освен макрофинансиската поддршка и субвенции што ги даваме. Се согласивме дека е од клучна важност брзо да се суспендираат царините врз увозот за да се стимулира украинската економија. Одлуката што ја носиме денеска одговора на оваа потреба, олеснувајќи го огромно извозот на украинските индустриски и земјоделски производи кон ЕУ, рече фон дер Лајен.

Како што истакна и потпретседателот на ЕК задолжен за трговија, Валдис Домбровскис, оваа мерка на трговска либерализација е без преседан.

-Станува збор за тоа да и се даде на Украина пристап до пазарот на ЕУ без царини ни квоти, рече Домбровскис.

Комисијата тврди дека оваа мерка ќе им помогне на украинските производители и ќе даде “силен сигнал” дека Унијата прави сѐ да и помогне на Украина.

Истовремено ЕУ воспоставува и олеснителни мерки за копнен транспорт на украинските производи, олеснети се веќе условите за украинските шофери на камиони кои превезуваат украински производи, како и транзитот и користењето на инфраструктурата на ЕУ за превоз на добра кон трети земји.

Предлогот треба да биде одобрен од Советот и Парламентот на ЕУ за да стапи на сила.