Полициски службеници на СВР Тетово вчера (1 мај) од 17 до 22 часот, спровеле акциска контрола на возачи, дали и колку од нив управуваат под дејство на алкохол. При контролата биле откриени и санкционирани вкупно 21" возач под дејство на алкохол(ТЕ-15 и ГВ-6), кои веднаш се исклучени од сообраќај и на кои им се изготвени законски предвидените поднесоци.Во контролата, исто така, санкционирани се и 25 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-10 и ГВ-15).

Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите да се воздржат од конзумирање алкохол кога седнуваат зад волан и посебно да внимаваат со колкава брзина се движат, односно да ја прилагодат брзината според условите на патот, но и кога и каде престигнуваат.Ова, дотолку повеќе што денеска (2 мај) на повеќе патишта на подрачјето на СВР Тетово осетно ќе биде зголемен сообраќајниот интензитет, бидејќи завршува продолжениот празничен викенд и токму поради тоа голем број граѓани ќе се враќаат кон нивните домови од туристичките центри Охрид, Маврово или Попова Шапка, а истото се однесува и на регионалниот пат Маврови Анови-Дебар.

СВР Тетово со свои служби, на повеќе места, ќе ги покрива овие сообраќајници, со цел да се обезбеди непречен и безбеден проток на возилата и да не се создаваат непотребни сообраќајни мешаници, а од возачите бара и очекува разбирање и малку повеќе трпение.