Меѓународната организација за човекови права Амнести интернешнал денеска соопшти дека документирала голем број воени злосторства во главниот град на Украина, вклучувајќи произволни егзекуции, бомбашки напади и тортура.

– Образецот на злосторства извршени од руската војска, што го документиравме, вклучува незаконски напади и намерно убивање цивили. Од витално значење е сите одговорни, вклучително и оние во командниот синџир, да бидат изведени пред лицето на правдата, изјави генералната секретарка на АИ, Ањес Каламар.

Амнести интернешенел соопшти дека се собрани докази и сведоштва во осум градови во близина на Киев, вклучувајќи го и Буча.

По опсадата, а потоа и повлекувањето на руската војска од Буча, украинските власти на улиците и во масовните гробници пронашле ликвидирани цивили, а на некои им биле врзани рацете.

Регионалниот гувернер на Киев, Олександр Пављук истакна дека во регионот околу Киев се пронајдени најмалку 1.235 тела на цивили.