Повеќе од 40.000 сириски деца немаат настава како директен резултат на намалувањето на британската помош и повеќе училишта наскоро би можеле да се затворат, соопшти водечка хуманитарна организација.

Британското финансирање за 133 училишта управувани од Syria Relief заврши на 30 април, откако владата ги намали вкупните трошоци за странска помош од 0,7 отсто од бруто националниот приход на 0,5 отсто.

– Доколку не се најдат средства за да се пополнат празнините што ги оставија Владата на Велика Британија и другите донатори, една генерација деца во северна Сирија ќе останат без училиште и тоа ќе доведе до речиси непосреден пораст на детскиот труд, детските бракови, рана бременост, регрутирање на деца во воени и вооружени групи, експлоатација на деца и трговија со деца, рече Џесика Адамс, шефица на комуникации за Syria Relief и нејзината матична добротворна организација „Action For Humanity“.

– Ова беше политички избор за кој ние, и децата, родителите и наставниците од Сирија, очајно се надеваме дека ќе биде изменет“.

Деталите за „избрзаните“ кратења на трошоците на Обединетото Кралство за 4,2 милијарди фунти во 2021 година беа откриени во март, а Сирија беше таа која ги доби најстрогите намалувања, и покрај тоа што милиони луѓе сè уште живеат во бегалски и кампови за раселени лица, повеќе од 10 години по почетокот на конфликтот.

Трошоците за Сирија беа намалени за 69 проценти, вклучително и кратења на програмите за образование, здравство, здравје на мајки и палестински бегалци.

Syria Relief соопшти дека е најголемиот невладин снабдувач на училишта во Сирија, со 306 училишта. Но, со оглед на тоа што другите донатори, исто така, ги намалуваат трошоците или ја пренасочуваат помошта во Украина, таа во моментов поддржува 3.600 деца во 24 преостанати училишта, кои се соочуваат со затворање до август, оставајќи вкупно 100.000 деца без образование од 2021 година.

Хуманитарната организација соопшти дека затворањето ќе ја порази наведената цел на Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој да им помогне на повеќе девојчиња да одат во училиште и ќе поттикнат повеќе девојчиња на рани бракови.

– Ако ова училиште се затвори, ќе мора да ги испратиме во училиштата кои бараат пари, но ние немаме пари, ниту за кирија, па ни треба училиштето да остане отворено, рече Абу Халид, чии деца одат во училиште во кампот Махмудли за внатрешно раселени лица во северна Сирија.

Според Сирија Релиф, училиштата во кампот се преполни, а без струја и греење. Добротворната организација соопшти дека веќе има високи стапки на детски труд и рани бракови меѓу раселените луѓе во војната, кои веројатно брзо ќе се зголемат доколку се затворат повеќе училишта.

– Во Сирија има повеќе од 2,4 милиони деца кои не одат на училиште и доколку значително не ја зголемиме нашата поддршка, уште повеќе се изложени на ризик да го напуштат училиштето. Сега се потребни брзи и значителни инвестиции за да ни помогнат да го прекинеме кругот на страдање, насилство и очај, изјави Џојс Мсуја, помошник генерален секретар за Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, пред Советот за безбедност на ОН минатата недела.

ОН проценуваат дека 14,6 милиони Сиријци имаат потреба од хуманитарна помош. ЕУ е домаќин на конференција следната недела, чија цел е да ги охрабри донациите и да се заложи за решавање на конфликтот.