Поранешниот австриски министер за здравство, Рудолф Аншобер сега е автор на успешно публицистичко дело за коронавирусот, наречено „Пандемија“. Во книгата тој ги анализира политиките кои се применуваат во борбата против Ковид-19, дополнувајќи го сѐ тоа со описи на судбината на неколку пациенти.

Книгата на овој 61-годишен политичар од партијата Зелените, се најде на врвот на листата бестселери во Австрија во април.

– Изненадувачки е, но и факт е дека пандемијата промени сѐ… Успехот на книгата го покажува огромниот интерес на јавноста за периодот на справување со коронавирусот од почетокот на пандемијата, изјави Аншобер за ДПА.

Тој смета дека една од главните грешки на политичарите бил обидот да ги изедначат оние кои биле скептични за вакцинацијата и противниците на вакцинацијата. Во книгата се наведува и дека меѓу 30 отсто невакцинирани Австријци, само секој трет е против вакцините, а останатите чекаат дополнителни информации и појаснувања.

– Невнимателниот однос што се прошири меѓу луѓето со оглед на намалениот број на заразени е деликатна работа… Ќе биде уште потешко да се предупредат луѓето за можните опасности и да се извлечат од ова безгрижно расположение, рече тој, мислејќи на новата кампања за вакцинација наесен.

Аншобер смета дека би било идеално да се спроведе заедничка европска стратегија која нема да се заснова на низа различни мерки.

– Луѓето не ѝ веруваат на политиката и на политичарите, доколку важат различни правила, на пр., во Баварија, Чешка и Салцбург. Задолжителната вакцинација, која се чека во Австрија, е неизбежна доколку до септември немаме стапка на вакцинација од 90 отсто, истакна поранешниот министер за здравство.

Инаку, Аншобер лани во април, како што рече – „поради исцрпеност“ го напушти Министерството за здравство на Австрија.