Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола за време на церемонијата на затворање на Конференцијата за иднината на Европа, во својот говор, зборуваше за реалноста на јазот што постои помеѓу она што луѓето го очекуваат и она што Европа може да го даде во моментов, особено во областите на здравјето, енергијата и безбедноста. Таа, исто така, рече дека иднината на Европа е поврзана со иднината на Украина, јави дописникот на МИА.
Во зградата на Европа, таа нагласи дека има една порака за денеска: „иднината на Европа сè уште не е напишана и нашата приказна зависи од вас, од сите нас.“
Оваа дебата, според Мецола, доби нова реалност на 24 февруари – кога рускиот претседател Владимир Путин и нареди на својата армија да ја нападне Украина. Акт на средновековна агресија што го промени светот.
-Светот по 24-ти февруари е многу поинаков. Поопасен. Улогата на Европа се промени со тоа. Не можеме да си дозволиме да губиме повеќе време, нагласи таа.
Таа притоа потсети на одговорот на Европа на оваа агресија, одговор кој можи да ги направи „горди„ Европејците. Украинците според неа бараат поддршка од Европа. Затоа што знаат што ќе ви кажат милиони Европејци кои беа принудени да поминат половина век зад јаремот на железната завеса: Европа нема алтернатива.
-Иднината на Европа е поврзана со иднината на Украина. Заканата со која се соочуваме е реална. И цената на неуспехот е значителна, нагласи таа.
-Европскиот парламент ќе се бори за посилна Европа и за сето она што значи Европа. Тоа значи слобода, демократија, владеење на правото, правда, солидарност, еднаквост на можности.Тоа значи дека мора да слушаме повеќе отколку што зборуваме. Оваа вежба мора да биде за вас. За нашиот проект кој работи за луѓе во селата и градовите и регионите низ Европа, продолжи претседателката на ЕП.
Конференцијата, исто така, според Мецола докажува дека „постои јаз помеѓу она што луѓето го очекуваат и она што Европа може да го даде во моментов. Затоа ни треба конвенција како следен чекор. И на тоа ќе инсистира Европскиот парламент. Има прашања кои едноставно не можат да чекаат.Тоа важи за одбраната. Потребна ни е нова безбедносна и одбранбена политика бидејќи знаеме дека си требаме еден на друг, дека сами сме ранливи. И тука не мораме повторно да го измислиме тркалото. Можеме да се надополнуваме наместо да се натпреваруваме со постоечките сојузи.“
Таа понатаму ја наведе енергијата, климатските промени, здравството, економскиот модел, миграцијата, еднаквоста и солидарноста.
-Во сите овие области и повеќе, сакам Европа да води. Затоа што ако не ние, едноставно ќе биде некој друг. Полесно е да се биде циничен, да се биде популист, да се гледа навнатре, но треба да се разоткрие популизмот, цинизмот и национализмот за она што се: лажна надеж што ја продаваат оние без одговори. Оние кои се плашат да го исковаат тешкиот и долг пат на напредок, рече Мецола, завршувајќи со зборовите:
-Ова е моментот да се одговори на повикот на Европа. Ова е наше време.