Претставничкиот дом на САД го одобри нацрт-законот за зголемување на федералните ресурси за борба против домашниот тероризам.

Мерката доаѓа како одговор на расистичкиот напад во Бафало каде што во саботата 18-годишен белец застрела десет афроамериканци.

Нацрт-законот е одобрен со мнозинство гласови – 222 претставници во Долниот дом на Конгресот го поддржаа текстот, а 203 беа „против“. Единствениот републиканец кој гласаше за иницијавата на демократите беше Адам Кисинџер, член на конгресната комисија што го истражува нападот на Капитол на 6 јануари.

Иницијативата за зајакнување на државните ресурси за справување со домашен тероризам не е нова. Во 2020 година Претставничкиот дом одобри сличен нацрт-закон, но тој беше отфрлен во тогашниот Сенат во кој доминираа републиканците. Оттогаш американските законодавци не успеаја да извршат притисок за воведување мерки за ограничување на огненото оружје, затоа демократите се фокусираат врз федералната борба против домашниот тероризам.

Според сегашниот закон, три федерални агенции ќе работат на истрага, спречување и кривичен прогон на дела оценети како внатрешен тероризам. Новиот предлог-закон предвидува секоја владина агенција да отвори свој оддел за борба против домашниот тероризам.

Канцеларијата за буџет на Конгресот проценува дека ако новиот закон биде усвоен, тој ќе ја чини државната каса околу 105 милиони долари во текот на пет години, а најголемиот дел од парите ќе бидат наменети за ангажирање персонал.