До вториот круг од парламентарните избори во Франција закажан за 19 јуни, членовите на владата мора да останат во сенка, односно ќе мора да почекаат да се појават пред медиумите, поради периодото на „воздржаност“, за време на кој од нив се бара да не даваат најави и да не ги фалат резултатите од владините активности, јави дописникот на МИА.

Новодојдените министри ја започнуваат работата со четири недели дискреција. Меѓу нив, петнаесет членови на претходната влада веќе се запознаени со овие правила, кои важат и за време на претседателската кампања. Тринаесетте други, од друга страна, мора да се запознаат со понекогаш сложениот систем, кој прецизно го следат контролните органи на изборната кампања и генералниот секретаријат на владата.

Отсега министрите мора да го ограничат појавувањето на медиумите, како и патувањата. Овластени се само институционални настани и говори поврзани со вонредна ситуација. Во спротивно, препорачливо е да ја води министерската служба во сенка, додека чека да излезе од неа во рок од еден месец.

Во однос на министрите кои се и кандидати за законодавните избори – ги има петнаесетина – ситуацијата е посложена. Како кога водеа кампања за реизбор на Емануел Макрон, членовите на владата мора да воспостават јасна поделба помеѓу нивната владина активност и онаа на кандидатот. За да избегнат несреќна мешавина на жанрови, тие мора внимателно да ги чуваат сметките за нивната кампања и да се погрижат да не се наплатуваат трошоци за изборите на сметка на државата. Пример: министер кој патува во неговата изборна единица не може да оди таму – освен кога тоа го бараат безбедносните услови – со своето службено возило.

За министрите кандидати, ситуацијата е дотолку потешка, бидејќи во случај да не бидат избрани за пратеници, тие автоматски заминуваат од владата.