Министрите за европски прашања на ЕУ најдолг дел од денешниот Совет за општи работи посветиле на дијалогот за владеењето на правото во Унгарија, атмосферата била подобрена, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Според чешкиот министер, Микулаш Бек, кој претседаваше со денешниот Совет на ЕУ за општи работи, денешната размена со унгарските власти повеќе заличувала на дијалог од претходните седници, кога, како што рече тој, двете страни воделе монолог.
Унгарија е предмет на процедура под членот седум на Повелбата на ЕУ поради влошената состојба со владеењето на правото. Европскиот Парламент се изјасни за активирање на овој член кој предвидува суспензија на правото на глас на засегнатата земја, но тоа не може да стапи на сила без одобрување од Советот, односно земјите членки, каде Унгарија има сојузници.
Советот во просек еднаш годишно одржува сослушување на Унгарија во рамките на оваа процедура, за сега без напредок.
Еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, изјави дека проблемите остануваат.
Најистакнати проблеми за Унгарија се изборниот систем, судскиот систем, корупцијата, конфликтите на интереси, слободата на медиумите и слободата на здружување, законите за “заштита на децата“ и нивните последици врз ЛГБТ заедницата.
Рејндерс рече дека се земаат предвид сите забелешки на Европскиот Парламент. И иако според преодниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР парламентарните избори во Унгарија во април биле слободни, Европската Комисија останува загрижена поради фактот што медиумите не се непристрасни, а финансирањето на политичките кампањи е нетранспарентно, рече еврокомесарот. Европската Комисија сега го чека финалниот извештај на ОБСЕ за да позиционира дефинитивно.
Комисијата и некои земји членки изразиле загриженост и поради политичкото влијание врз медиумското регулаторно тело во Унгарија, изјави Рејндерс. Сите членови во ова тело се назначени од партијата на власт, а регулаторното тело одби да ја обнови радиодифузната лиценца на независното Клуб Радио.
Чешкиот министер Бек, чија земја го зазема претседавањето со ЕУ во јули и е член на Вишеградската група каде е и Унгарија, го повтори својот оптимизам во однос на денешното сослушување на Унгарија.
-Атмосферата и дебатата беа многу поконструктивни денеска, иако тоа не значи дека има широка согласност помеѓу Советот и Унгарија, рече Бек.