Шестиот пакет за санкции, блокиран главно од Унгарија, врз руската нафта сѐ уште е предмет на интензивни преговори помеѓу земјите членки, јави дописничката на МИА од Брисел.

Кога го поднесе својот предлог за европски санкции пред еден месец врз овој дел од руската економија, претседателката на Европската Комисија се надеваше дека тој ќе биде усвоен за брзо време, идеално до 9 мај. Еден месец подоцна досието е сѐ уште заглавено во Советот на ЕУ, каде земји како Унгарија, без излез на море, велат дека овие санкции би имале негативни последици врз нивната домашна економија.

Европската Комисија не се откажува и се надева дека земјите членки ќе изнајдат решение наскоро.

-Нашиот став е дека разбираме дека земји како Унгарија без излез на море, и други, треба да се прилагодат, ова е тешко и комплексно и тука сме да дадеме поддршка да се најде решение, рече портпаролката на Европската Комисија, Дана Спинант.

Таа додаде дека Комисијата е подготвена да помогне со организација и олеснување во изнаоѓањето на решение.

На критиките дека Европската Комисија го поднела овој предлог без да биде сигурна дека ќе има поддршка од земјите членки, институцијата потсетува дека секоја институција во ЕУ има своја улога и надлежности. На Комисијата е да предложи, по консултации со земји членки, но не и да преговара.

-Комисијата има иницијатива во давањето предлози, но на Советот е да најде решение. Ако требаше да чекаме да има едногласност пред да дадеме предлог, едноставно би го лишиле Советот од неговата улога, каде се одвиваат преговорите, објасни Спинант.

Таа потврди дека Комисијата ги водела сите потребни консултации во рамките на нејзините надлежности пред да го изготви предлогот за санкции врз руската нафта.

-Колку и да сакаме брз усвојување на нашите предлози, не можеме секој пат да очекуваме дека ќе бидат одобрени нашите предлози за неколку часа како да е тоа некоја формалност, изјави портпаролката.

Европската Комисија пред еден месец предложи укинување на увозот на сирова руска нафта во рок од шест месеци и на нафтените производи до крајот на годината.