Јапонски и американски борбени авиони извршиле заеднички летови во воздушниот простор над Јапонското Море, соопшти денеска јапонското Министерството за одбрана.
Медиумите пишуваат дека летовите се одговор на заедничките прелети што руски и кинески авиони-бомбардери ги извршија за време на посетата на американскиот претседател Џо Бајден на Јапонија.
Заедничките јапонско-американски активности во просторот над Јапонското Море се извршени и само неколку часа откако Северна Кореја лансираше три ракети, вклучително и интерконтинентална балистичка ракета, кон морето меѓу Корејскиот Полуостров и јапонскиот архипелаг. Ракетите паднале во морето надвор од јапонската економска зона.
Во соопштението на Здружениот генералштаб на јапонските одбранбени сили се наведува дека акцијата на јапонско-американската авијација „го потврдува заедничкиот потенцијал" на двете земји и го зајакнува меѓусебното сојузништво.
– Спроведуваме мерки за максимална подготвеност за да одговориме на секоја вонредна состојба, се посочува во соопштението.
Руски и кинески стратешки бомбардери вршеа прелети во близина на јапонскиот воздушен простор.