Ерменската полиција денеска се судри со демонстрантите кои протестираа во Ереван против премиерот Никола Пашинјан, блокирајќи ги владините згради и затворајќи улици и градското метро.
Полицијата соопшти дека група луѓе пред зградата на владата се судриле со полицајците, кои ги повикале демонстрантите да го почитуваат законот.
„Уште еднаш ве повикуваме во текот на јавните настапи да покажете исклучиво законско однесување, да ги почитувате законските барања на полициските службеници“, се наведува во соопштението на полицијата.
Притисокот врз премиерот Пашинјан се зголеми откако тој пристапи кон нормализација на односите со Азербејџан, соседната држава која ја победи Ерменија во шестнеделната војна во 2020 година.
Војната, која се водеше за статусот на енклавата Нагорно-Карабах, заврши со мировен договор со посредство на Русија и доведе до значително губење на ерменска територија.