Tутунот го загрозува здравјето на сите живи суштества на Земјата. Целосниот циклус на одгледување, растење, производство и конзумирање тутун и отпадот од истиот ги загадува воздухот, водата и целиот екосистем. На Светскиот ден без тутунот оваа 2022 година, СЗО ѝ ги предочува на јавноста најновите факти за штетите врз животната средина од животниот циклус на тутунот и напорите што ги вложува тутунската индустрија за да си го исчисти угледот рекламирајќи ги своите производи како нештетни по животната средина.
Глобалниот циклус на тутунот создава 25 милиони тони отпад секоја година
На глобално ниво, тутунот убива над 8 милиони луѓе секоја година и е причина за зголемување на преваленцата на опасни незаразни болести (НЗБ) од типот на кардиоваскуларни заболувања, хронични респираторни заболувања, малигни заболувања, дијабет и други.
„Знаеме дека тутунот ги убива неговите корисници, но штетите од него не се поврзани само со чадот од цигарата. Секоја година, 4500 милијарди отпушоци се фрлаат во животната средина со што се ослободуваат над 7000 хемикалии, од кои 70 се познати канцерогени супстанции што ги загадуваат тротоарите, парковите и водотеците преку кои доаѓа до загадување на морската флора и фауна” – изјави д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
Последиците врз животната средина од употребата на тутун го подигаат овој проблем од индивидуално на глобално ниво. Тутунот не само што им нанесува штети на неговите корисници и на луѓето во нивна непосредна близина, туку е и закана по одржливиот развој. Од тие причини, контролата на тутунот бара холистички пристап, како и ангажираност од страна на целата влада и целото општество.
„В Македонија, 46 проценти од возрасните (15-64 години) се активни пушачи. Добрата вест е тоа што преку мерки за намалување на бројот на пушачи, државата може да создаде поздрава средина за сите, што ќе донесе позитивни ефекти и за економијата” – изјави д-р Елена Ќосевска, специјалист по социјална медицина и јавно здравје од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Не е само чадот од цигарата: на кои начини тутунската индустрија ѝ нанесува штети на животната средина
Штетата што производството на тутун и отпадот од тутунот ја предизвикуваат претставува скриена опасност по животната средина.
Производството на тутун придонесува со речиси 84 милиони тони емисии на јаглерод диоксид (CO2) годишно, што е еквивалентно на 280,000 ракети лансирани во вселената, целокупниот животен циклус на една единствена цигара бара отприлика 3,7 литри вода. Еден просечен пушач би можел да придонесе за заштеда на и до 74 литри вода дневно ако се откаже од пушење, отприлика 200,000 хектари земјиште се „расчистува” годишно за одгледување и сушење тутун. Потребно е цело едно дрво за да се произведат 300 цигари, земјоделците кои садат, одгледуваат и берат тутун може дневно да апсорбираат онолку никотин колку што има во 50 цигари и да се изложат себеси на отровни пестициди. Како последица од ова, тие и членови на нивните семејства може да заболат од тумори, генетски промени, болести на крвта, невролошки нарушувања и ендокрино пореметување.
Зборување глупости: што стои во позадината на „зелените” односи со јавноста на тутунската индустрија
За да си го исчисти угледот и да се претстави себеси како пријател на животната средина, тутунската индустрија користи измамнички тактики. Податоците со кои оваа индустриска гранка излегува во јавност и нејзините маркетиншки активности имаат за цел да ја наведат јавноста погрешно да мисли дека штетите од одгледување тутун врз животната средина се минимални и да верува дека производството на тутун не е штетно.
„Вистината е дека од самиот почеток па до крајот, животниот циклус на тутунот е крајно загадувачки и штетен процес, кој ги доведува и онака ранливите екосистеми под ризик и го загрозува развојот на сегашните и идните генерации ширум светот. Наша морална обврска е да им овозможиме на децата да растат слободни од опасностите што ги носи со себе изложеноста на тутун и да им обезбедиме чиста, безбедна и сигурна животна средина” – изјави д-р Нино Берѕули, директорка на Одделот за здравствени програми во државите при Регионалната канцеларија на СЗО за Европа.
На овој Светски ден без тутун, СЗО ги повикува граѓаните, креаторите на политики, граѓанското општество, академската заедница и другите партнери, да им дадат на корисниците на тутун дополнителна причина да се откажат од пушење. Откажувањето од пушење е корисно и за сопственото здравје и за животната средина, да дадат поддршка за забрана на пластика за единечна употреба која вклучува отпушоци и пластични кеси што се користат за никотински производи, како и забрана на бесчадниот тутун и електронскиот отпад од електронските цигари, да им наметнат еколошки данок на производителите, дистрибутерите и консументите на тутунот ширум целиот ланец на набавки за јаглеродни емисии, загадување на воздухот и други штети врз животната средина, да се подигне свесноста за тактиките на тутунската индустрија со кои таа се прикажува себеси како пријател на животната средина, да им се помогне на одгледувачите на тутун да се префрлат на одгледување алтернативни и одржливи земјоделски култури, да се поддржи спроведувањето во пракса на сеопфатни политики за контрола на тутунот.
Време е да му кажеме НЕ на тутунот за да имаме поздрава планета и поздрави луѓе.