Јужна Кореја и Соединетите Американски Држави рано утринава извршија серија тестирања на ракети земја-земја на источниот брег на Јужна Кореја, како одговор на претходните тестирања на балистички ракети со краток дострел од страна на армијата на Северна Кореја, потврди јужнокорејското Министерство за одбрана.

Активноста има за цел демонстрација на „способноста и подготвеноста за изведба на прецизен удар“ врз лансирни капацитети и центри за команда на Севернокорејската армија, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ цитирајќи информација на оружените сили.

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол, кој стапи на функција минатиот месец, вети дека ќе заземе поостар став кон Пјонгјанг, притоа договарајќи се со американскиот претседател Џо Бајден за унапредување на воената соработка преку интензивирани заеднички воени вежби и подигнување на подготвеноста на комбинираниот систем за одвраќање на јужнокорејската армија.

Јужнокорејските и американските сили утрово за десет минути истрелале осум проектили земја-земја од тактичките ракетни системи (ATACMS).

Северна Кореја оваа година изврши серија ракетни тестирања, меѓу кои и на една од најголемите интерконтинентални балистички ракети во својот арсенал, првпат по речиси пет години. Тестирањето беше спроведено непосредно откако американскиот претседател Бајден ја заврши посетата на Азија од каде ја посочи подготвеноста на САД да спроведе нови мерки на одвраќање.