Индиската Влада денеска се обидува да го смири бесот кај своето население, но и во странство, предизвикан откако припадници на владејачката партија БЈП го критикуваа пророкот Мухамед, што резултираше со нереди во северниот индиски град Канпур и протести најавени за денеска во Мумбаи.
Најмалку 38 лица се уапсени поради учество во големите нереди во Канпур, одржани откако членови на хиндуистичката националистичка партија Бхаратија Јанада (БЈП) на премиерот Наредна Моди го критикуваа исламот, меѓу кои и портпаролката на партијата.
Нивните медиумски испади предизвикаа бес кај муслиманското население на Индија, но и во светот, а во обидите да се спречат поголеми насилства се вклучија и највисоки државни претставници кои веќе оствариле контакти со Катар, Саудиска Арабија, Оман, Обединетите Арапски Емирати и Иран, држави кои веќе побараа извинување од Њу Делхи.
Во текот на викендот официјални претставници на тие држави ги свикаа индиските дипломати во земјите од Персискиот залив и во соседните исламски земји, врачувајќи им протестни ноти.
Индиското Министерство за надворешни работи соопшти дека Владата во Њу Делхи не ги споделува мислењата искажани од нивните партиски членови.
Партијата БЈП вчера ја разреши портпаролката и уште еден свој активист поради навреда на чувствата на муслиманите кои сочинуваат околу 13 отсто од 1,35 милијарди жители на Индија.
Поради нивните изјави за денеска се закажани големи протестите во Мумбаи.
Претставник на катарската амбасада во Њу Делхи рече дека Владата на Моди мора јавно да се огради од изјавите на нејзините партиски членови.
„Навредувањето на нашите религиозни чувства може директно да влијае врз нашите економски врски“, рече функционерот додавајќи дека се проверуваат можностите за бојкот на индиските стоки.
Трговската размена на Индија остварена минатата година со земјите-членки на Советот за соработка на Персискиот Залив (Кувајт, Катар, Саудиска Арабија, Бахреин, Оман и ОАЕ) минатата година достигна вредност од околу 90 милијарди долари. Милиони Индијци живеат и работат во односните држави, а најголемиот дел од енергенсите Индија ги увезува токму од земјите во Перисискиот Залив.