Политичкиот блок на францускиот претседател, Емануел Макрон, е на прво место во мнозинство изборни единици во странство, каде се изјаснуваат гласачите на парламентарните избори, пред остатокот од Франција.

Сепак, според првите извештаи од гласањето изминатиот викенд, блокот на Макрон, Заедно, се соочува со сериозен предизвик наметнат од партиите на обединетата левица, во споредба со изборите од 2017 година.

Единаесет од 577 места во Парламентот се разервирани за географски зони во странство, каде живеат француски државјани.

Блокот на Макрон освои најголем број гласови во осум од 11 изборни единици. Коалицијата НУПЕС, предводена од левичарот Жан-Лик Меланшон, е успешна во две.

Во девет изборни единици ќе се одржи и втор круг на 18 и на 19 јуни, кога Заедно и НУПЕС ќе си ги одмерат силите. Станува збор за подобар резултат на левицата во однос на изборите од 2017 година, кога за во втор круг се квалификуваше во вкупно пет изборни единици.

Гласачите во Франција ќе излезат на парламентарни избори во два круга, на 12 и на 19 јуни.