Палестинскиот претседател Махмуд Абас синоќа прими американска делегација пред очекуваната посета на претседателот Џо Бајден и повика на повторно отворање на канцеларијата на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) во Вашингтон и Конзулат на САД во Ерусалим.

На состанокот во Рамала, на Западниот брег, со американската делегација предводена од помошникот државната секретарка за Блискиот Исток, Барбара Лиф, палестинскиот претседател синоќа повторно побара ПЛО да се отстрани од списокот на терористички организации, соопшти неговиот кабинет.

Лиф, која вчера ја почна тридневната посета на палестинските територии и Израел, се состана со Абас за да разговара за односите на САД со Палестинците, за продлабочување на врските и за да истакне дека Палестинците и Израелците заслужуваат иста слобода, безбедност и просперитет, соопшти Стејт департментот.

Претседателот Бајден вети дека повторно ќе го отвори конзулатот, што беше затворен за време на мандатот на неговиот претходник Доналд Трамп, чија администрација го призна Ерусалим за главен град на Израел, предизвикувајќи гнев кај Палестинците.

Палестинците планираат да го направат источниот дел на Ерусалим, кој Израел го освои во војната во 1967 година и подоцна го анектираше, за главен град на нивната идна независна држава.

Израел е против отворањето на конзулат во Ерусалим и вели дека САД треба да отворат дипломатска мисија во Рамала, седиштето на Палестинската управа на окупираниот Западен Брег.

Во меѓувреме, САД го сменија името на Одделот за палестински прашања во Канцеларија за палестински прашања при американската Амбасада во Ерусалим, но не го дефинираа како конзулат.

Како што е наведено, таа канцеларија работи под покровителство на амбасадата и известува за суштинските прашања директно до Стејт департментот.