Германски сојузен суд денеска го отфрли барањето за отстранување на 700-годишната антисемитска статуа од црквата во Витенберг, каде што некогаш проповедал Мартин Лутер/

Сојузниот суд на правдата ја потврди пресудата на судовите од пониските инстанци за скулптурата „Јуденсау“, или „еврејска свиња“, во Градската црква во Витенберг.

Како и во претходните пресуди, судот посочи на спомен плочата под статуата додадена во 1988 година. На неа се наоѓаат податоци за прогонот на Евреите и холокаустот, како и знак со информации за статуата на германски и англиски јазик.

Судот изјави дека самата статуа „го навредува и понижува јудаизмот како целина“, но дека локалната парохија законски ја коригирала ситуацијата објаснувајќи го нејзиниот историски контекст. Судот додаде дека парохијата на тој начин се оградила од „клеветничката и антисемитска порака“ на статуата и дека „правниот систем не бара нејзино отстранување“, како и дека има други начини за решавање на проблемот.

Случајот стигна до федералниот суд откако судовите во германската покраина Саксонија Анхалт, во 2019 и 2020 година ја отфрлија жалбата на Мајкл Дуелман. Тој побара статуата да биде преместена во блискиот музеј посветен на Лутер, велејќи дека таа претставува „валакање и навреда за еврејскиот народ“.

Јозеф Шустер, претседател на германскиот Централен еврејски совет, изјави дека одлуката на судот да не се премести статуата е разбирлива, но додаде дека плочата и знакот не содржат „недвосмислена осуда на антисемитската скулптура“.

Регионалниот бискуп Фридрих Крамер изјави дека црквата ќе ги поддржи промените на спомен плочата и дека постои консензус дека таа и знакот до статуата „денес повеќе не ја исполнуваат намерата да се укине ефектот на антисемитската статуа“.