Двајца клучни десничарски министри во израелската коалициска влада во заминување денеска ветија дека ќе го спречат враќањето на поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху додека земјата се подготвува за петтите избори во изминатите три години.
Министерот за финансии Авигдор Либерман и министерот за правда Гидеон Сар, одбија да ги здружат силите со Нетанјаху, кому му се суди за корупција, што тој ги негира.
– Нема да го вратам Биби (Нетанјаху). Сите сопартијци се со мене. Никој нема да подлегне на убедувањето и да премине во Ликуд, истакна Сар.
Додека Либерман на прес-конференција наведе дека коалициските пратеници би можеле да го поврзат предлогот за распуштање на Кнесетот со нацрт-законот што ќе спречи лице, кое се соочува со кривични пријави да биде на чело на влада.
Тенкото парламентарно мнозинство беше уништено од конфликтите, а премиерот Нафтали Бенет вчера најави дека ќе го распушти Кнесетот и дека министерот за надворешни работи Јаир Лапид привремено ќе ја преземе највисоката функција.
Лапид вчера посочи дека нема да чека нови избори за да се справи со бројните предизвици и дека ќе се соочи со нив веднаш штом ќе ја преземе функцијата привремен премиер од актуелниот премиер Бенет.
Според анкетите Ликуд би освоил околу 30 од 120 места во Парламентот, со што би била поединечно најсилната партија, но на владата ќе и треба поддршка од идеолошки поврзани партии, вклучително и сегашните партнери во коалицијата на Бенет.