Уредникот за меѓународни односи на Скај Њуз, Доминик Вагхорн, напиша интересна анализа за самитот на НАТО во Мадрид.
Самитот на НАТО беше најавен како „трансформативен“ и „историски“ и тој ги оправда очекувањата. Преговорите не беа лесни, но НАТО ја доживеа најголемата промена во последните неколку децении, вели Вагорн.
Поттикната од неиспровоцираниот руски напад врз Украина, Алијансата претрпе трансформација на внимателно планираниот самит. Заканата за имиџот на поделена Алијанса беше избегната во последен момент со договор, благодарение на кој Турција се откажа од своето вето за влезот на Шведска и Финска во НАТО.
Светот драстично се промени во последните 10 години
Сè уште не е сосема јасно која цена ќе се плати за турската согласност, а особено е впечатливо што таа цена би можеле да ја платат Курдите, сојузниците на Западот кои беа клучни во борбата против Исламската држава. Но, се чини дека Ердоган е презадоволен од договорот, пишува уредникот на Скај Њуз.
НАТО драстично го промени својот стратешки концепт, документ од 16 страници што последен пат беше ревидиран во 2010 година. Тогаш тој воопшто не ја спомуваше Кина, а зборуваше за Русија како „стратешки партнер“. Вагхорн забележува колку светот се променил за само десет години.
Другата клучна работа од самитот на НАТО е планот за драматично зголемување на бројот на војници на НАТО во единиците за брза реакција од 40.000 на дури 300.000. Тој план е сè уште пуста желба, но треба да ја трансформира способноста на НАТО брзо да реагира на вонредни ситуации.
Илјадници дополнителни војници ќе бидат распоредени на источното крило на НАТО. Велика Британија соопшти дека ќе ангажира уште 1.000 војници за одбрана на Естонија, иако, малку збунувачки, тие ќе бидат сместени во Велика Британија, но треба да бидат подготвени за брза акција доколку се појави потреба.
Путин ќе го добие токму она што не го сака
Лидерите на НАТО постојано нагласуваат дека благодарение на сето горенаведено, Путин ќе го добие токму она што не го сака. Рускиот претседател ја започна војната, тврдеа неговите дипломати, делумно за да го запре проширувањето на НАТО. Сега се случува нешто дијаметрално спротивно.
Неговите најлоши стравови се остваруваат – уште поголем НАТО, со нови членки и повеќе војници и оружје на границите на Русија, посочува уредникот на Скај Њуз.
Овие промени само дополнително ќе ги разгорат историските руски несигурности за отвореното западно крило, кое историски е нападнато од потенцијалните окупатори од Наполеон до Хитлер. Но, Путин за тоа може само да се обвини себеси.
Две земји кои беа горди на своите традиции на неутралност, Шведска и Финска, беа толку потресени од агресијата на Путин против Украина што побрзаа да се приклучат на НАТО. Балтичките земји, гледајќи што се случи со Украина, побараа најконкретна одбранбена помош од НАТО.
Нова железна завеса се спушта над Европа
Откако со години му прогледа низ прсти на Путин, НАТО сега верува дека силата и решителноста се најдобриот начин да се задржи агресивната Русија.
Новиот став на НАТО е веројатно неопходен, но тоа нема да ја направи сегашната ситуација помалку опасна. Нова железна завеса се спушта над Европа, потврди шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Јазот меѓу демократскиот Запад и автократскиот Исток се продлабочува, според Вагхорн.
Советниците на Путин веќе подолго време му кажуваат дека НАТО е се поголема закана за Русија и дека тој лично е главната цел. Ниту еден потег направен на вчерашниот самит нема да ја намали неговата параноја, напротив.
Велика Британија вели дека следната фаза од конфликтот во Украина допрва започнува. Западот планира да и помогне на Украина да премине од одбрана во напад. Ако навистина сака да ги избрка руските сили од Украина, на украинската армија ќе и треба не само многу повеќе оружје, туку и трансформација, а тоа ќе бара долготрајна помош од Западот.
Колку поуспешни стануваат Украина и Западот, толку Путин би можел да стане поопасен. Диктаторите, имено, не можат да си дозволат пораз, се заклучува во анализата.