Властите во јужна Кина се извинија за упадот на полицијата во домови на лица позитивни на Ковид-19 сместени во хотелски карантин, што е уште еден пример на ригорозните мерки на властите за спречување на ширењето на коронавирусот.

Државните медиуми објавија дека полицијата упаднала во 84 домови во станбена зона во областа Ливан во Гуангжу, во обид да пронајде луѓе кои биле во контакт со заразените и да ги дезинфицира просториите.

Весникот „Глобал Тајмс” пишува дека по интервенцијата полицијата поставила нови брави на вратите и ги запечатила станбените објекти.

Владата на Округот Ливан вчера се извини за таквото „насилно” однесување и најави дека е покрената истрага, како и оти „релевантните” ќе бидат строго казнети.

Кинеското раководство се држи до стратегија „нулта ковид” и покрај зголемените економски трошоци и влијанието врз животите на граѓаните, кои сè уште се подложени на рутинско тестирање и карантинска изолација.