Апелацискиот суд во Санкт Петербург денеска ја потврди пресудата за екстрадиција на белоруската активистка Јана Пинчук во Белорусија, јавува Радио Слободна Европа.

Пинчук е обвинета за клевета, поттикнување национална омраза и поттикнување активности што ја загрозуваат националната безбедност на Белорусија, а доколку биде осудена се соочува со затворска казна до 20 години.

Исто така, таа е обвинета дека управува со каналот „Витебск 97%“ што преку Телеграм објавува критики по однос владеењето на претседателот Александар Лукашенко. Белоруските власти го сметаат каналот за екстремистички.

Пинчук ги отфрла обвинувањата и вели дека го затворила каналот веднаш откако тој и официјално беше прогласен за екстремистички.

Пинчук протестираше против резултатите од претседателските избори во 2020 година во Белорусија на кои победи претседателот Лукашенко. Опозицијата тврдеше дека гласањето било наместено.

Судот во Санкт Петербург ја потврди одлуката за екстрадиција независно што Пинчук изрази загриженост дека би можела да биде измачувана во притвор во Белорусија.

Таа беше уапсена на 1 ноември минатата година во Санкт Петерсбург на барање на белоруските власти