Руската Федерација планира да востанови меѓународен суд за човекови права што би ги процесуирал случаите на воени злосторства извршени од Украинци.
Според началникот на Руската истражна комисија Александар Бастрикин, таквиот трибунал би бил предводен од држави што имаат неутрален став по однос војната во Украина, притоа посочувајќи ги тука Боливија, Иран и Сирија кои, според него, веќе пројавиле интерес за учество во работата на судот.
Во изјавата што ја објавува весникот „Росискаја газета”, Бастрикин обвинува „повеќе од 200 лица”, меѓу кои претставници на највисокото украинско воено раководство и офицери на командни позиции на воените сили, за извршени злосторства преку оружени напади врз цивилно насление.
Украинци се вмешани во „злосторства против мирот и безбедноста на луѓето што не застаруваат”, вели Батрикин, додавајќи дека се обвинети 92 командни офицери и нивни подредени, како и оти веќе се покренати потерници по 96 лица.
Според него, се водат 1.300 кривични истраги за припадници на украинската армија, политички активисти, радикални националистички здруженија и вооружени формации, при што досега одговорност е побарана за над 400 лица.
Истрагата спроведена од Комисијата таргетира и вработени во украинското Министерство за здравство, за кои Бастрикин вели дека развивале оружје за масовно уништување, како и воени платеници од Велика Британија, САД, Канада, Холандија и на Грузија.
Комисијата покренала и осум кривични постапки за напади врз руски амбасади или други претставништва во Холандија, Ирска, Литванија, Чешка, Полска, Романија и Франција.
Од почетокот на војната во Украина имаше извештаи за случаи на злоставување руски заробеници, но поголемиот дел од обвинувањата што ги документираа ОН се однесуваат на злосторства изврени од руските окупациски сили.