Иран ќе ги остави исклучени камерите на надзорниот орган за атомска енергија на ОН до обновата на нуклеарниот договор од 2015 година, изјави денеска генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Иран ја информираше МААЕ дека ја отстранил нејзината опрема, вклучително и 27 камери инсталирани според договорот од 2015 година, откако агенцијата минатиот месец усвои резолуција со која го критикува Техеран.
– Нема да ги вклучиме камерите на МААЕ сè додека другата страна не се врати на нуклеарниот договор, изјави шефот на иранската Организација за атомска енергија, Мохамад Еслами.
Насер Канани, кој е портпарол на иранското Министерство за надворешни работи, го обвини генералниот директор на МААЕ Рафаел Гроси за „непрофесионални, нечесни и неконструктивни ставови“ во однос на нуклеарната програма на Техеран.
Покрај тоа, иранскиот претставник додаде дека Техеран се надева дека ако САД покажат добра волја, наскоро ќе биде можно да се обнови нуклеарниот договор.
Договорот од 2015 година наметна ограничувања на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции против Техеран.
Во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп го повлече Вашингтон од договорот и повторно воведе економски санкции. Како одговор, иранските власти ги прекршија ограничувањата предвидени со нуклеарниот договор.