На малата летна сцена во центарот на Крива Паланка синоќа се одржа концерт на изворна традиционална музика во вокална изведба на Сашко Митев од Националниот ансамбл „Танец”. Концертот беше дел од програмата на „Кривопаланечко културно лето 2022″, а го организираше Националната установа Центар за култура Крива Паланка.
Пред кривопаланчани настапи вокално-инструменталниот квинтет од два кавали,две тамбура и тапан, во состав од три члена од Националниот ансамбл “Танец” и двајца инструменталисти од вокално-инструменталниот состав „Аманет”.
– Јас веќе дваесет години сум вработен во НА “Танец” и редовно настапуваме со колегите и ја презентираме богатата ризница песни од сите етнички краеви на Македонија, како “Твоите очи Лено мори” од Костурскиот дел, “Заљубив маче” и “Китчице бујна либидо”, од Пиринскиот дел. Задоволство ни е што граѓаните уживаа во изворната музика благодарение на центарот за култура и општината, а ова е мое второ гостување на програмата на “Кривопаланечко културно лето”,каде настапив и минатата година, рече Митев.
Следен настап на овој вокално-инструментален квинтет е на 2 август во Центарот за култура, Гостивар.
Програмата на „Кривопаланечко културно лето 2022″ со содржини и културна понуда за сите вкусови и возрасти продолжува во среда, со настапот на Магдалена Иванова, на малата летна сцена во центарот на градот со почеток во 20 часот.
Културната летна програма во Крива Паланка ја подржуваат Општина Крива Паланка, Национална установа Центар за култура Крива Паланка, Локална установа Градски музеј и Европска куќа Крива Паланка, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.