Лидерот на либанскиот Хезболах, Хасан Насрала во интервју за телевизијата Ал-Мајадин му се закани на Израел со напад врз една платформа за гас.

Либан тврди дека Израел експлоатира гас во либанските територијални води.

– Сите израелски полиња за гас се под закана на нашите ракети, не само Кариш. Нема цел во море или во воздух што не е во дострелот на прецизните ракети на Хезболах. Никој не сака војна и одлуката е во рацете на Израел, а не во наши. Ако екстракцијата на гас од Кариш започне во септември пред Либан да ги добие своите права, ќе имаме проблем, истакна Насрала.

Тој тврди дека иако сите бродови кои експлоатираат гас пловат под грчко знаме, тие се израелски.

Израел ги оспорува тврдењата на Либан, а тензиите со Хезболах растат во време кога двете земји преговараат преку САД за договор за поморска граница.

Проиранскиот шиитски Хезболах, кој исто така е политичка партија, на 2 јули испрати три беспилотни летала во правец на израелските платформи за гас, а израелската армија ги уништи.