Европската Комисија го објави реформскиот извештај за Украина, која е сега и официјално земја кандидат за членство во ЕУ, јави дописничката на МИА од Брисел.

И покрај неколку недостатоци извештајот на Европската Комисија е генерално позитивен што се однесува до клучните реформи во Украина.

Па така Европската Комисија заклучува дека и покрај војната “Украина сепак продолжи да му дава приоритет на приклучувањето и интеграцијата во ЕУ, и покрај предизвиците клучните реформи постигнаа нов момент”.

Европската Комисија ја пофали Украина во делот на реформите во судството, владеењето на правото и борбата против корупцијата, каде се усвоени клучни реформи за судовите и судиите, закон за ново Национално биро за антикорупција, иако именувањето на нов специјален обвинител за антикорупција не е финализирано. Вишиот суд за антикорупција исто така покажал солидни докази во својата работа, а усвоен е закон за заштита на свиркачи, вели извештајот.

Во делот на јавната администрација се исто така спроведени реформи во согласност со барањата на ЕУ, а финансискиот сектор на Украина продолжил да биде профитабилен и покрај кризата со Ковид. Постои сепак загриженост за независноста на централната банка на Украина.

Енергетскиот пазар, посебно струјата, продолжиле да функционираат, но постојат знаци за манипулација на пазарот.

Недоволен прогрес има во реформите за заштита на животната средина, додека дигитална трансформација продолжила позитивно да напредува, меѓу другото преку усвојување на закон за регулаторот на телеком секторот во согласност со правото на ЕУ. Дигиталната трансформација придонела за транспарентност на владата и борба против корупцијата.

Украина исто така продолжува да ги исполнува условите за либерализација на визниот режим и нема ризик за сега од суспензија на истиот иако се потребни дополнителни напори во борбата против корупцијата и перењето пари.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, изјави дека европските реформи продолжиле во Украина, но дека се потребни дополнителни напори во делот на правдата, борбата против корупцијата, вклучително и применување на законодавството за процедурата на именување на судии во Уставниот суд, како и финализирање на реформата за национални малцинства.

На петти септември ќе се одржи Советот за придружување помеѓу ЕУ и Украина кој ќе се базира на наодите на овој извештај на ЕК за Украина.