Европската Инвестициска Банка (ЕИБ), со помош од буџетот на ЕУ, издвојува втор пакет финансиска помош за Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

ЕИБ утрово соопшти дека испраќа 1,59 милијарди евра за Украина, со помош на ЕУ буџетот, за да се придонесе кон реконструкција на оштетената инфраструктура во земјата и да се одговори на најитните потреби на граѓаните во Украина.

Ова е вториот пакет помош на ЕИБ за Киев, и доаѓа во итниот пакет од 668 милиони евра испорачан еден месец по почетокот на војната.

Одлуката е одобрена од страна на одборот на директори на банката денеска во соработка со Европската Комисија и претставува комплементарна помош по онаа од 668 милиони евра во март годинава.

Од овие средства од вториот пакет, 1,05 милијарди евра се за итна финансиска помош за да може украинската влада да ги покрие краткорочните финансиски потреби, да им помогне на државните компании, да ги санира штетите врз инфраструктурата, да помогне да се вратат во нормала услугите на локалните власти и да се подготви земјата за грејната сезона во областа на енергијата.

Останатите 540 милиони евра се издвоени за веќе започнати проекти финансирани од ЕИБ но само во регионите кои се под контрола на Украина. Проектите се однесуваат на енергијата, транспортот, образованието и инфраструктурата.