Европската Унија ја поздрави одлуката на Светската трговска организација (СТО) во спорот против Турција кој се однесува на фармацевтски производи, јави дописничката на МИА од Брисел.

Одлуката е донесена на апелациско ниво денес и и дава право на Европската Унија против Турција. Брисел ја обвини Анкара дека се користи со дискриминаторски практики кон странските фармацевтски производители наложувајќи им да го преселат производството во Турција за да добијат поврат на средства согласно турски социјални правила. СТО оцени дека оваа пракса не е во согласност со заложбите на Анкара во организацијата. Практиките што ги користи Анкара не можат да се оправдаат со заштита на јавното здравје и претставува дискриминација против странските компании.

Потпретседателот на Европската Комисија, Валдис Домбровскис, ја поздрави одлуката на СТО во име на ЕУ.

-Денешната судска одлука е јасна победа за ЕУ, изјави тој, додавајќи дека оваа одлука не е само економски важна за компаниите на ЕУ туку дека испраќа силен сигнал на обесхрабрување други земји да го сторат истото.

По оваа одлука на арбитражата на СТО Турција ќе мора да ги отстрани мерките за локализација и приоритет од своите правила во рок за кој допрва треба да се договорат Брисел и Анкара, или кој ќе биде одлучен од страна на СТО.