Холандските земјоделци денеска продолжија да фрлаат арско ѓубриво и отпад на автопатиштата и да подметнуваат пожари покрај патиштата, во знак на протест против владините планови за намалување на емисиите на азот.
Сообраќајните власти објавија дека неколку патишта во централна и источна Холандија рано изутринава биле целосно или делумно блокирани, како и оти се испратени единици на протипожарните служби да интервенираат за нормализирање на сообраќајот.
Последните протести се случуваат еден ден откако владиниот посредник Јохан Ремкеш испрати покани до организациите и здруженијата на земјоделците да разговараат со владејачката коалиција за начините за намалување на емисиите на азот.
„На преговорите гледам како на пресвртница, за заедничко излегување од ќорсокакот. Добив уверувања од Кабинетот дека се можни заеднички решенија”, рече Ремкеш.
Некои земјоделци го отфрлија назначувањето на Ремкеш за посредник, доведувајќи ја во прашање неговата непсристрасност оттаму што е член на централно-десничарската политичка партија на премиерот Марк Руте и поранешен вицепремиер.
Земјоделците се гневни затоа што веруваат дека одлуката на Владата да ги намали емисиите на азотен оксид и амонијак ќе го уништи нивниот бизнис во земјоделството и ќе ги остави без работа.