Лидерот на водечката опозициска партија во Германија го обвини канцеларот Олаф Шолц за сериозни пропусти во испораката на оружје за Украина.

– Тврдењата на Шолц за поддршка на Украина не можат да поминат, изјави денеска шефот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Фридрих Мерц за весникот на медиумската група „Функе“.

– Германската јавност и парламентот се измамени. Владата не го прави она што го одлучи Бундестагот – да испорача тешко оружје, рече Мерц, кој е и шеф на парламентарната група на Христијанско-демократската партија, пред неговата посета на Полска.

Официјална Варшава исто така тврди дека Берлин премногу се двоуми околу испораката на оружје. Разочарана е и од планираната кружна размена на оружје – на Украина и подарила повеќе од 200 тенкови, но е незадоволна од она што за возврат го добила од Германија. Кружната размена значи дека источните членки на НАТО испраќаат тешко оружје од советско производство во Украина, а за возврат добиваат западно.

Циркуларната размена е „ќорсокак“, рече Мерц. Тоа што Либералите и Зелените – две од трите партии во владејачката коалиција – сега предлагаат Германија да испрати тенкови директно на Украина за Мерц е секојдневно „покажување недоверба кон сопствениот канцелар“. Дебатата за испораките на оружје во владата го открива распадот на таканаречената коалиција семафор и „неподготвеноста на канцеларот да биде лидер“.

Сепак, владата во Берлин вчера соопшти дека Украина добила дополнително тешко оружје од Германија за одбрана од Русија. Пристигнале повеќекратни ракетни фрлачи Марс II и уште три оклопни хаубици 2000, информира вчера министерката за одбрана Кристина Ламбрехт.